Секој просторен метар станбен простор секаде чини приближо исто, важно е како ќе се проектира.

Кога Ви треба проект, важно е да одберете проектанска куќа која ќе одговори на Вашите барања за функционалноста и изгледот и која Вашата потреба и Вашата идеја ќе ја развие и ќе ја претвори во проект.

Исто толку важно е сите фази потребни за добивање на Одобрение за градба да бидат сработени на едно место, квалитетно и во рок. Сара – 4 има тим од инженери кои стручно, квалитетно и навремено ќе го направи проектот за Вашиот објект.

Фази за проектирање:

  1. Архитектура

Оваа фаза опфаќа изработка на идејно архитектонско решение во 3Д каде ќе добиете комплетна визуелна презентација и реална слика на објектот (надворешен и внатрешен изглед) со помош на компјутерски софтвер. Откако идејното решение се одобри од инвеститорот, се пристапува кон изработка на Главен проект кој содржи графичкиот дел (ситуација, сите основи, карактеристични пресеци, фасади, шема на столарија, детали и др.) и текстуалниот дел (техничко образложение и предмер со количини и цени).

  1. Конструкција

Статичките пресметки се прават со помош на софтвер за димензионирање во 3Д модел, со што излезните податоци се беспрекорно статички оправдани, а истовремено и најекономични. Наша обврска е добивањето на Согласност за проектиран степен на механичка отпорност, стабилост и сеизмичка заштита (Институт за земјотресно инженерство). Сите детали на конструктивниот систем се исцртуваат со што се овозможува изведбата да тече без конструктивни проблеми а објектот да биде изведен како што е проектиран.

  1. Хидротехника

Оваа фаза го опфаќа проектот за водововд и канализација, а тоа значи комплетен графички приказ за водење на водоводните и канализационите цевки од внатрешниот и надворешниот систем на објектот и нивно димензионирање, исто така и одводот на атмосферската вода, како и техничко образложение и предмер на количините. Тука се опфатени и санитарните уреди, нивната местоположба, типот и материјалот од кој се направени и др..

  1. Електрика

Проектот за електрика го решава напојувањето на објектот со електрична енергија, положбата на главната разводна табла и на броилата, начинот на водење на електричните инсталации во објектот, местоположбата на разводните табли, местоположбата на осветлувањето, прекинувачите и приклучниците и други специфични елементи кои зависат од намената на објектот. Покрај графичкиот дел, овој проект содржи пресметки, техничко образложение и предмер на количини.

  1. Машинство

Проектот за машинство се однесува на греењето, ладењето и на принудната вентилација на објектот. Ги содржи сите пресметки, начинот на водење на инсталациите, местоположбата на грејните тела или на разладните уреди, начинот на довод на чист кондициониран воздух и начинот на одвод на потрошен воздух, како и димензионирање на каналите за довод и одвод на воздух.

  1. Енергетска ефикасност

Секој објект што се проектира е енергетски ефикасен, користи минимум енергија за постигнување на максимален комфор. Елаборатот ги содржи сите пресметки на топлинските губитоци на вградените материјали.

  1. ППЗ

Противпожарната заштита за целиот објект значи решавање на хидрантската мрежа, план за евакуација, ПП апарати и др.